Да ја развиваме свеста дека моќта за одлучување е во наши раце! Уште од остварувањето на правото на глас на жената, сме настојувале и ќе продолжиме да настојуваме нашиот глас да биде слушнат! Ние треба да бидеме целосно и рамноправно вклучени во суштинските општествени процеси преку нашите загарантирани права и демократските алатки што ни стојат на располагање. Ние не сме пасивни учеснички, туку активни чинители што со својот придонес можат да го однесат општеството кон повисоко ниво на социјален, економски и цивилизациски развој!
Ние треба да имаме еднакви можности да одлучуваме за нештата што нè засегаат нас и нашата заедница! Не заборавајте, нашите жени отсекогаш билe во првите редови во клучните моменти за опстанокот на државата и градењето на општествените вредности. Светлите примери на женската борба против фашизмот и тоталитаризмот, како и за општата рамноправност на жените, нè обврзуваат да опстоиме на патот кон целосно вклучување на жените во сите сфери на општеството. Потребна ни е упорност, здруженост, солидарност, знаење, соработка со институциите, како и примена на законите за да овозможиме рамноправно учество на жените во процесите на креирање на јавните политики! Наше право и должност е да бидеме движечка сила за позитивни промени во општеството!
Наша обврска и задача e да ги отвораме прашањата што директно ги засегаат жените и целото општество! Да бараме отчетност и одговорност во креирањето на јавните политики! Многубројни се примерите кога сме почувствувале неодложна потреба да се солидаризираме и да ѝ помогнеме на нашата заедница. Со меѓусебна поддршка и едногласност постигнуваме многу!
Еден таков пример е здружувањето на локалните жени од Велес со сите женски организации од државата во барањето за запирање на работата на велешката топилница од страна на локалната власт.
Кога сме заедно, имаме сила да го преобликуваме општеството! Нашата здруженост без разлика на возраста, националната, етничката, верската или политичката припадност, ни ја дава енергијата за постигнување одлични резултати во секое поле на нашето делување! Сите жени треба да се залагаат за надминување на стереотипите за местото и улогата на жената во општеството, да се вклучат и да им дадат нова динамика на одлучувачките процеси на локално ниво. Со споделување на знаењето и прифаќањето на различностите, можеме да го подобриме животот на жените во сите заедници.