Како завршен настан група од 25 женски активистки од Штип, со помош и поддршка на ЕХО Едукативно-хуманитарна организација Штип, поднесоа предлог барања за вклучување на мерки во релевантните општински програми и соодветна распределба на финансиски средства од општинскиот буџет, како ефикасно би се одговорило на најважните, приоритетни потреби на жените и девојките во Општина Штип.
На завршниот настан одржан на 12 ноември 2021 год. пред директорите на јавните претпријатија во Штип, Претседателката и советнички од Советот на Општината како и на пошироката јавност беа презентирани пет родово буџетски иницијативи. Иницијативите беа поделени на повеќе интервенции/активности, како одговор на најприоритетните потреби на жените и девојките од нашата локална заедница и предлог-интервенции за нивно решавање од страна на Општина Штип.
Овие барања се продукт на неколкумесечно интензивно и фокусирано работење на ЕХО и јадрото женски активистки од неколку заедници во градот Штип, во рамките на проектот “ВКЛУЧИ СЕ-ПОБАРАЈ ГЛАСНО”
ЕХО, како реномирана женска организација, со години наназад, вложува значајни напори за родовото одговорно буџетирање да стане континуирана пракса на општина Штип, преку вклучување, анимирање и помагање на поголем број на жени и девојки во заедницата, за да заедничките потреби и приоритети се преточат во релевантни, конкретни и специфични родово буџетски инницијативи. Истите, потпомогнати со соодветни алатки за застапување, би имале поголеми резултати и поголем импакт во заедницата, но и пошироко. Ваквите залагања треба да послужат како пример и добра пракса за женскиот граѓански активизам, а во насока на подобрување и унапредување на локалниот, правичен, рамномерен и родово-инклузивен социоекономски развој.